Македонската Армија во новата година со нови униформи !

АРМ ги промовира своите нови униформи, први целосно дизајнирани и осмислени во Министерството за одбрана (МО) и Армијата. Тоа е прва униформа за која АРМ во своето 16-годишно постоење ги поседува авторските права, односно и дизајнот и спецификацијата, нагласи врвот на одбраната на вчерашната промоција.
- Униформите претставуваат спој на традицијата, на историјата, но и на претставата за модерна и професионална армија. Тие се производ на заедничка работа на МО и на ГШ на АРМ, со користење искуства на експерти од оваа област. Авторските права за униформите се на МО - рече Коњановски. АРМ вчера доби нова борбена, службена или работна, и свечена униформа. Првпат, војската воведе женска униформа. Двата главни модела маскирна униформа се основниот, со доминантна зелена боја, и универзалниот, со доминантна песоклива боја. Двата модела се со дигитализирана шара. АРМ развило и трет, пустински модел, кој ќе се користи во посебни операции.
Работната и свечената униформа се со темносина и петролејно-зелена боја и ќе се носат со плик-капи, наместо досегашните шапки. Чиновите на подофицерите, наместо на еполети, ќе бидат означувани на надлактиците на униформата. Според министерот, цената на униформите ќе се дефинира откако ќе заврши периодот на тестирање и ќе се распишат огласи за изработка.
На промоцијата, Коњановски најави дека за петнаесетина дена ќе биде промовиран новиот проект за развој на армискиот полигон Криволак. Министерот е задоволен од постигнатото во одбраната во оваа година, но нагласи дека секогаш може и подобро.И Коњановски и началникот на Генералштабот Мирослав Стојановски сметаат дека безбедносната состојба е стабилна.Според генерал Стојановски, АРМ ќе го задржи бројот од 240 војници во мисии надвор од Македонија. Бројната состојба ќе се промени дури со испраќање на средниот пешадиски баталјон, обврска кон НАТО која Македонија треба да ја исполни во следните две години.
- Според преземените обврски, земјите-членки на Алијансата, но и тие што се стремат за членство, мора да имаат осум отсто од армиските сили подготвени за распоредување надвор од националната територија. Ние го менаџираме тој процес со учество од околу четири отсто од армиските сили. Обврската целосно ќе биде исполнета, кога ќе биде испратен средниот пешадиски баталјон со бројна состојба од околу 600 припадници на АРМ - рече Стојановски. АРМ ја заврши мисијата во Ирак, а има 142 војници во Авганистан.



del.icio.us
Digg
Коментари (0 постирано):
Остави твој коментар